Петок, 30 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Зеленски е подготвен директно да разговара со Путин за територијалните прашања

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за територијалните прашања со цел да се стави крај на војната, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, пренесува „Киев пост“.

Во интервју за финскиот весник „Хелсингин Саномат“, Сибиха потврди дека Киев го координирал телефонскиот разговор меѓу Путин, финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере. Тие му ги пренеле на Путин барањето на Украина за прекин на огнот и предлогот за директна средба со Зеленски.

„Ние ја сакаме таа средба и подготвени сме за неа. Веројатно само средба меѓу Зеленски и Путин може да донесе напредок во преговорите. Зеленски е подготвен да разговара за најтешките и најчувствителните теми, вклучително и за територијалното прашање“, изјави Сибиха.

Тој нагласи дека за Киев местото на средбата не е пресудно, сè додека таа не се одржува во Москва или Белорусија. Според него, директните разговори би можеле да овозможат и размена на воени заробеници и враќање на украинските деца однесени во Русија.

Сибиха најави дека во ноември во Абу Даби се очекува продолжување на трилатералните преговори меѓу Украина, САД и Русија, кои треба да покажат дали Москва има сериозна намера дипломатски да ја заврши војната. Тој додаде дека Киев засега не гледа такви сигнали.

Украинскиот министер побара и посилна улога на Европа во мировниот процес, оценувајќи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се приближува до дел од руските барања. Сепак, нагласи дека учеството на Вашингтон останува неопходно за постигнување мир и обезбедување безбедносни гаранции за Украина.

Од друга страна, Кремљ и натаму инсистира евентуалната средба меѓу Путин и Зеленски да се одржи во Москва, што Киев го одбива.

Поврзани вести