Понеделник, 2 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Осум лица убиени на Ноќта на вештерките во САД, полицијата трага по напаѓачите

Најмалку осум лица загинаа, а десетици се повредени во серија пукања што се случија во неколку американски градови за време на викендот за Ноќта на вештерките. Најголем број жртви имаше во Далас, Тексас, каде што четири лица загинаа, а 15 беа повредени во три одделни инциденти со пукање, пренесува АП.

Повеќето од пукањата се случија во населби познати по ноќниот живот и во универзитетски градови, каде што за време на викендот се собрале големи групи луѓе. Федералните власти во САД најавија дека денеска ќе претстават мерки што се преземаат како одговор на пукањата во Далас.

Полицијата во неколку градови сè уште трага по осомничените и работи на утврдување на мотивите зад нападите.

Најсмртоносните инциденти се случија во населбата „Дип Елум“ (Deep Ellum) во Далас, област позната по своите барови, ресторани и клубови. Три пукања се случија вчера рано наутро, во временски распон од само еден час и 15 минути. Четири лица загинаа, а 15 беа повредени.

Шефот на полицијата во Далас, Даниел Комо, изјави дека истражителите сè уште се обидуваат да утврдат дали пукањата се поврзани и што ги предизвикало. Полицијата веќе го имаше зголемено своето присуство во таа населба пред нападот, бидејќи таму и претходно имало инциденти на насилство. Во февруари, две лица беа избодени до смрт за време на конфликт пред ноќен клуб, а во мај, еден припадник на обезбедувањето беше убиен додека се обидувал да прекине тепачка во друг клуб.

Во Џексон, главниот град на американската сојузна држава Мисисипи, две лица загинаа, а шест други беа повредени при пукање на забава по повод Ноќта на вештерките. Според полицијата, двајца мажи со маски влегле во ноќен клуб вчера рано наутро. Во еден момент, еден од нив почнал да пука кон присутните.

Во Блумингтон, универзитетски град во американската сојузна држава Индијана, седум лица беа ранети во пукање што се случи вчера рано наутро, недалеку од кампусот на Универзитетот во Индијана. Инцидентот се случил во прометна населба полна со барови и ноќни клубови. Во моментов, полицијата не верува дека некој од повредените бил студент. „Ова е неприфатливо во Блумингтон, исто како што е и во која било друга заедница“, изјави градоначалничката Кери Томсон во видео-порака објавена на социјалните мрежи. Таа додаде дека дури и зголемениот број полициски службеници не може да спречи секој чин на насилство.

Во Бирмингем, најголемиот град во јужната американска држава Алабама, едно лице загина, а осуммина беа ранети во два одделни инциденти со пукање по традиционалниот колеџ фудбалски натпревар познат како „Меџик сити класик“ (Magic City Classic). Шефот на полицијата во Бирмингем, Мајкл Пикет, изјави дека повеќето гледачи и семејства го напуштиле стадионот пред да се случат пукањата. Првиот инцидент се случил во близина на стадионот, на авенијата Грејмонт, каде што биле поставени штандови за продажба.

За време на викендот, пукања беа пријавени и во Фејетвил (Арканзас), Њуарк (Делавер) и Блумингтон (Илиноис).

Иако викендот беше одбележан со серија смртоносни пукања, официјалните податоци покажуваат дека бројот на насилни злосторства во САД се намалува во последните години. Според ФБИ, стапката на убиства минатата година паднала на најниско ниво во последните 75 години. Бројот на убиства се намалил за 18 отсто, а вкупниот број на насилни злосторства за 9,3 отсто во споредба со претходната година.

Истражувањата спроведени врз основа на податоци од полицијата и болниците покажуваат дека пукањата се почести ноќе, за време на викендите и за празниците. Меѓу периодите со зголемен број инциденти, особено се издвојуваат Денот на независноста на САД (4 јули), Нова година и Ноќта на вештерките.

Поврзани вести