САД ја предупредиле Москва за можен терористички напад

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека од Соединетите Американски Држави добила информации за подготовки за можен терористички напад во Москва, по што презела соодветни мерки, објави ТАСС, пренесувајќи ја информацијата од БТА.
„Од американската страна, преку партнерски канали, добиени се информации за подготовки за терористички чин во Москва. Во моментов се преземаат соодветни мерки“, се наведува во соопштението на ФСБ.
Претходно, Амбасадата на САД во Москва соопшти дека располага со информации за „веродостојна закана од инцидент со повеќе жртви“ во музејскиот комплекс Царицино во Москва. Од амбасадата информираа дека американската влада го координира својот одговор со руските власти.
„Владата на САД го координира својот одговор со надлежните руски власти“, се наведува во соопштението на амбасадата, од каде што ги повикаа граѓаните да ја избегнуваат областа околу палатата од царскиот период, која се наоѓа во голем парк во јужниот дел на Москва.
Музејскиот комплекс Царицино е затворен поради спроведување оперативни активности, изјавил извор од руските разузнавачки служби.
Според рускиот канал „База“, за кој се наведува дека е близок до полицијата, паркот бил затворен вечерва, а посетителите биле повикани да го напуштат просторот. На местото пристигнале и полициски службеници.



