Судир на два авиона на аеродромот во Вашингтон

Два патнички авиона на американската компанија „Американ ерлајнс“ се судриле во петокот пред полетување на меѓународниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон. Во судирот на едниот авион му се откинал дел од крилото, но нема повредени.
Според американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА), инцидентот се случил околу 17:10 часот по локално време, додека двата авиона се движеле кон пистата. Авионот кој требало да лета за Далас го закачил крилото на леталото наменето за лет кон Чикаго.
На снимка од разговорот со контролата на летање се слуша како пилотот пријавува дека дошло до контакт со друг авион. При судирот се откинал таканаречениот крилен додаток, дел од крилото кој помага во намалувањето на отпорот на воздухот.
Еден од патниците за Си-Ен-Ен изјавил дека ударот бил силен и дека целиот авион се затресол. По отстранувањето на откинатиот дел, двата авиона се вратиле на терминалот, каде што биле прегледани од противпожарните и спасувачките служби.
„Американ ерлајнс“ ги повлекла двата авиона од сообраќај заради технички проверки, им се извинила на патниците и најавила обезбедување заменски летала. Федералната управа за воздухопловство отвори истрага за инцидентот.
Ова е втор сериозен настан поврзан со аеродромот „Роналд Реган“ во краток период. Во јануари минатата година, во судир меѓу патнички авион на „Американ ерлајнс“ и воен хеликоптер во близина на аеродромот загинаа сите 67 лица во двете летала.



