(Видео) Тимот на Хегсет се кикотеше на гробишта: војник им се развика

Војник кој стоел на стража кај Гробот на непознатиот војник на Националните гробишта „Арлингтон“ упатил опомена до група во која се наоѓале соработници на секретарот за одбрана Пит Хегсет. Инцидентот се случил по церемонијата по повод Денот на ветераните, откако од групата собрана околу секретарот се слушнала гласна смеа.
На снимката од настанот се гледа како Хегсет позира за фотографија пред гробот заедно со неговата сопруга Џенифер и тројца соработници: шефот на кабинетот Рики Бурија, заменик-шефот на кабинетот Патрик Вивер и вишиот советник Тами Радабау. Откако била направена фотографијата, додека групата почнала да се разодува, се слушнала смеа. Стражарот тогаш гласно предупредил дека „посетителите на ова место мора да одржуваат тишина и во секое време да покажуваат почит“.
Стражарот ја опомена групата во која бил и секретарот
Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека „војникот правилно и со почит ги потсетил сите присутни на правилата на однесување за овој свечен ден на сеќавање“. Парнел додаде: „Секретарот и целото Министерство отсекогаш ги почитувале – и секогаш ќе ги почитуваат – жртвите што ги поднеле припадниците на вооружените сили за да ја одржат Америка безбедна“.
Гробот на непознатиот војник се смета за еден од најсветите воени споменици во Америка. Тој служи како последно почивалиште за неидентификувани припадници на вооружените сили од Првата светска војна, Втората светска војна и Корејската војна. Припадници на 3-тиот пешадиски полк, познат како „Старата гарда“, стојат на стража кај гробот 24 часа на ден, без прекин, уште од 1948 година – без оглед на временските услови.
Хегсет и неговите соработници биле кај гробот како дел од пошироката церемонија за одбележување на Денот на ветераните, на која присуствувале и претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс.



