Левица: „На Тошковски му бегаат тепачи на жени од полициски станици, а МВР сѐ уште не поднесува кривична пријава!“

„Последниот случај во Битола каде насилникот “избегал” низ прозорец од полициска станица е само потврда на тоталниот колапс на системот, каде власта ги штити насилниците! Девојка во Битола пријавила дека трпела тепање и закани со убиство од партнерот и според нејзиното сведочење, насилникот ја давел со голи раце и не ѝ дозволувал да дише. Наместо да биде задржан и процесуиран, осомничениот им избегал на полицајците низ прозорец на полициска станица во Битола. Уште пострашно е што МВР до Обвинителството доставило известување дека лицето е „недостапно“, без да наведе дека избегало од полициска станица“, велат од партијата Левица.
„Според досега објавените информации, МВР сè уште нема поднесено кривична пријава по службена должност за случајот каде девојката е давена!
Кого штити Панче Тошковски и полицијата во Битола? Дали и овојпат станува збор за насилник близок до власта, уште еден син на ВМРО-вски функционери, за кого полициските службеници имаат посебен третман?
До кога Панче Тошковски ќе ги штити полицајците чие постапување и непостапување може да има фатални последици за жените жртви на насилство? Во два случаи на фемицид, и покрај дисциплинските постапки против 50 полициски службеници, досега нема ниту една кривична одговорност за полициски службеник. Дали и за полицајците од Битола, од чија станица низ прозорец им “избега” насилник, повторно ќе има само бирократска внатрешна контрола, без кривична одговорност?
Тошковски итно да објасни пред јавноста како тепач на жени бега од полициска станица и четири дена полицијата не може да го лоцира, додека министерот тврди дека испратил насоки во МВР сите случаи со семејно насилство да бидат експедитивно процесуирани. Дали ова е степенот на експедитивност која ја промовира Панче Тошковски?!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.



