Петок, 30 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Спектакуларен трансфер во најава: Меси се враќа дома

Лионел Меси би можел да направи еден од најемотивните потези во својата кариера на почетокот на 2027 година. Аргентинскиот фудбалер наводно е поблиску од кога било до враќање во Њуелс Олд Бојс, клубот каде што го започна своето фудбалско патување како момче, пред да се пресели во Барселона и да стане еден од најдобрите играчи на сите времиња.

Иако има договор со Интер Мајами до крајот на 2028 година, се зголемуваат шпекулациите дека Лионел Меси би можел да се врати во Аргентина веќе во јануари 2027 година.

Според информациите што ги објави аргентинскиот „Естадио 3“, легендарниот фудбалер никогаш не бил толку блиску до преселба во Њуелс Олд Бојс, клубот од неговиот роден Росарио за кој играше во помладите категории.

Доколку се оствари такво сценарио, тоа би бил еден од најинтересните трансфери во последните години, не толку поради парите или спортските амбиции, туку поради емотивната поврзаност на Меси со клубот од каде што сè започна.

Њуелс Олд Бојс зазема посебно место во животот на аргентинскиот ас. Како момче, Меси тренираше во младинската академија на клубот од Росарио, пред да се пресели со семејството во Шпанија и да се приклучи на Барселона.

Токму во каталонскиот гигант изгради кариера што го однесе меѓу најголемите фудбалери во историјата. Сепак, и покрај сите трофеи и индивидуални признанија, тој никогаш не играше за првиот тим на Њуел.

Затоа евентуалното враќање во Росарио би имало посебна симболика. Тоа би била можност за него да го носи дресот на клубот каде што ги направил своите први чекори, на крајот од кариерата.

Најголемата пречка за потенцијален трансфер е договорот што Меси го има со американскиот клуб. Аргентинецот е врзан со Интер Мајами до 31 декември 2028 година, што значи дека евентуалниот трансфер во Њуелс би морал да се договори со раководството на клубот од МЛС.

Засега нема официјална потврда дека преговорите се започнати, ниту пак е познато дали би се разговарало за трансфер, позајмица или некој друг модел на соработка.

Сепак, како можен датум се споменува јануари 2027 година, што се совпаѓа со почетокот на новата сезона од аргентинскиот шампионат.

Меси пристигна во Интер Мајами во летото 2023 година, откако го напушти Пари Сен Жермен. Според статистиката аргентинскиот напаѓач одигра 122 натпревари за американскиот клуб во сите натпреварувања, постигна 106 гола и заабележа 58 асистенции.

Иако влезе во ветеранските години, неговите перформанси покажуваат дека сè уште може да направи разлика на теренот.

Според податоците на „Трансфермаркт“, неговата пазарна вредност се проценува на 15 милиони евра.

Foto/ Depositphotos

Поврзани вести